Вандали во Радовиш удрија и по спортот: Нам не ни треба Европа, туку нешто поголемо!

by Фокус

Другари, нам Европа не ни треба, ни треба нешто многу поголемо, тврди Ристо Спасов, тренер во Тениска школа АСС – Радовиш и советник во општината, откако утринава затекнал ужасна слика во тениското игралиште. На својот Фејсбук профил, тој ги сподели фотографиите на кои што се гледа демолираното игралиште.

Имено, тениските мрежи биле целосно уништени, односно исечени, од страна на непознати вандали. Спасов, се уште во шок од глетката на уништените терени, вели дека пред само три дена мрежите лично целосно ги поправил и игралиштето било во најдобар ред. Тој, како што вели, се запрепастил од сликата која ја затекнал утринава, најавувајќи дека случајот ќе го пријави во полиција.

-Овде тренираат околу 50 деца од клубот, има деца кои доаѓаат и од Струмица, играат и рекреативци. Не сакам да избрзувам и да обвинувам кој би можел да е сторителот, но децата ми кажаа пред некој ден дека доаѓал некој човек навечер… Повикувам на откривање на сторителот или сторителите на овој вандализам од голем размер! Надлежните нека ги превземат сите мерки за откривање на вандалите и најстрого да ги казнат – ни изјави тренерот.

Тениското игралиште во Радовиш функционирало шест години. Спасов додава дека и пред неколку години имале сличен случај, но тогаш била искината само една мрежа. Во тој период терените имале друго раководство, па затоа тој вели дека не знае дали сторителите биле откриени.

Вики Клинчарова

Поврзани новости