Вандали ги нападнаа француските железници и мрежата на брзи возови во серија координирани акции што доведоа до големи прекини во сообраќајот на некои од најпрометните железнички линии во земјата.
Државниот железнички оператор рече дека вандалите биле насочени кон инсталации долж линиите што го поврзуваат Париз со градовите како Лил на север, Бордо на запад и Стразбур на исток, пренесува Ројтерс.
Тие ги повикаа сите патници да ги одложат патувањата. Поправките се во тек, а железничкиот сообраќај ќе биде сериозно нарушен барем до крајот на викендот.
„SNCF беше жртва на неколку вандалски чинови на брзите линии на Атлантикот, северот и истокот. Пожарите беа намерно подметнати за да ги оштетат нашите инсталации“, соопштија од француските железници.
Сè се случува неколку часа пред свеченото отворање на Олимписките игри во Париз каде безбедносните мерки се на невидено ниво, со десетици илјади полицајци и војници да го обезбедуваат настанот.