Ванчо од Кочани газдува среде Грција

by fokus

Во популарното грчко летувалиште Паралиа, Катарини, македонец газдува со еден од поголемите хотели и им ги зема туристите на грчките хотелиери. Ванчо Врзалски од Кочани, речиси цела деценија ги изнајмува апатманите во познатиот хотел ,,Кронос,, а туристите од Македонија, соседна Србија, Романија и други европски земји, се негови редовни гости во текот на целото лето.

Оддалечен стотина метри од песочната плажа, современо опремен, хотелот е секогаш полн. Ванчо вели дека веќе со години го закупува целиот хотел, а потоа ги изнајмува апартманите. Речиси сите гости кои што еднаш го посетиле, наредното лето му доаѓале повторно.

,,Пристапните цени, гостопримството, добрата локација и уредените апартмани секогаш носат голем број на посетители. Грчките угостители, на кои што сум им конкуренција, веќе се свикнаа на популарноста на хотелот ,,Кронос,, и секако на мене, па немам никакви проблеми со нив. Околу мене е преполно со хотели, но кога македонците ќе видат наш човек, најчесто се одлучуваат да престојуваат кај мене. Доаѓаат туристи од цела Европа, и сите си заминуваат задоволни,, – вели кочанчанецот, во чиј што хотел исто така и вработените се негови сограѓани, од Кочани. Гостите на ,,Кронос,, велат дека Врзалски ги нуди грчките апартмани по македонски цени, кои што се движат од 30 евра за ноќевање, па нагоре, во зависност од бројот на креветите и големината на апартманот, и дека одлично го води својот бизнис во Грција, со оглед на силната грчка конкуренција.

SAMSUNG DIGITAL CAMERA

Летово во Паралиа, малото туристичко место оддалечено од граничниот премин Евзони само 110 километри, е преполно со туристи од земјава, но и од соседна Србија. Иако има помалку од 10.000 жители, сепак за туристите нуди забава од секаков вид. Има голем број на таверни, бутици, дискотеки, слаткарници, маркети, традиционални пекари… Познато е и по руските бутици за крзно, кои што ги има на десетици, а каде што се нудат бунди по доста ниски цени, и секогаш се преполни со купувачи.

Поврзани новости