Ванчо Михајлов: Професорот Џовани од Унгарија и тајниот контакт со Тодор Живков

Проф. д-р Катерина Тодороска, редовен професор и научен советник во Институт за национална историја при УКИМ за „Фокус“ направи кус портрет на Ванчо Михајлов

by fokus

Иван (Ванчо) Михајлов, роден на 26 август 1896 година во Штип, во меморијата на македонскиот народ претставува нарачател на голем број убиства на истакнати македонски дејци, со цел да дојде до власт и моќ во револуционерната Организација, додека во светски рамки, Ванчо Михајлов најчесто се памети како соработник на нацистичка Германија.

За реализирање на својата цел, во септември 1924 година, Михајлов, болно амбициозен за власт и неговите соработници ги организираат и спроведуваат горноџумајските (Горна Џумаја-денешен Благоевград-К.Т.), атентати и убиства, при што први за ликвидација биле посочени Димо Хаџи Димов и Арсениј Јовков.

УЧЕСТВО ВО АТЕНТАТОТ НА АЛЕКСАНДРОВ

Михајлов ја користи положбата на доверлив човек на Тодор Александров бидејќи бил негов секретар, за ДА ГО ПОМОГНЕ АТЕНТАТОТ НА ТОДОР АЛЕКСАНДРОВ и да го наследи неговото место во Централниот комитет на Организацијата.

Откако Михајлов ќе се пресмета со своите противници во Софија и со санданистите во Пиринска Македонија, испратил терористи да ги ликвидираат Петар Чаулев, Тодор Паница и Стојан Мишев, кои пред тоа ќе ги прогласи за најголеми непријатели на македонската револуционерна борба. Во рок од шест месеци ќе бидат убиени сите тројца – Чаулев во Милано, Паница во Виена, а Мишев во Штип.

Во 1925 година, една година откако бил убиен лидерот на ВМРО – Тодор Александров, Иван Михајлов влегува во тричлениот Централен комитет на Организацијата. Во 1927 година во раководството на ВМРО се јавуваат различни погледи во однос на тактиката на организацијата. Интензивната партизанска борба е заменета со принципот на терористичка дејност: кон познати југословенски лидери се насочуваат тројки или петорки на атентатори; кон претставници на новиот европски повоен поредок се подготвуваат самоубиствени атентати; а против дисиденти во сопствените редици се изрекуваат смртни пресуди.

„МАКЕДОНИЈА – ВТОРА БУГАРСКА ДРЖАВА НА БАЛКАНОТ“

Во 1928 година таа нова тактика доведува до остар внатрешен конфликт, кој ја поделува организацијата на две крила, кои влегуваат во масовно братоубиство. Движечка сила на тој нов развој во ВМРО е Иван Михајлов, познат уште по псевдонимот „ Ратко  Дејанов“.

Михајлов никогаш не бил самостоен и не правел ништо без согласност на бугарската држава. Се’ преземал со знаење и со помош на нејзината влада и двор, а тука, покрај другите активности се вбројуваат и 85 атентати во Вардарскиот дел на Македонија од страна на неговите терористи, извршени во периодот од 1925 до 1934 година.

Во 1929 година, Михајлов започнува стратегиски промени во ВМРО – оддалечување од целта за присоединување на Македонија кон Бугарија и поставување на нова задача – „ слободна и независна Македонија “, која би ги обединила трите дела, т.е. Вардарска, Егејска и Пиринска Македонија како „ втора бугарска држава на Балканот “.

„ПРОФЕСОР ЏОВАНИ ОД УНГАРИЈА“

Секојдневните непријателства меѓу терористите на Ванчо Михајлов и српската власт во Вардарска Македонија имале жестоки импликации врз македонското население. Во Втората светска војна се става на услуга на фашистичките сили и работи согласно барањата на германските заповедници. Секако и во тој период Михајлов бил еден од главните егзекутори на „непријателите“ на неговите пријатели.

Со завршувањето на ВСВ, Михајлов и неговата жена, заедно со уште неколку верни другари, се евакуирани од СС припадниците од Скопје, прво во Виена, а пролетта во 1945 година тој бил преместен во гратчето Алтаузсее, во австриските Алпи.

Во 1948 година, тој успева да добие жителство на Италија, која во наредните 42 години ја напушта само за да се одмора во Австрија и во Германија. Од 1958 година, тој живее под името на „професор Џовани од Унгарија“ во римската населба Монтесакро на ул. „Виа Понца“ 6/7.

ТАЈНИОТ КОНТАКТ СО ТОДОР ЖИВКОВ

Во 1978 година, долгогодишниот државен претседател и раководител на партијата на Бугарија, Тодор Живков, дава наредба да се востанови таен контакт со прогонетиот во Италија – Михајлов. Мотив за тоа е разгорениот бугарско – југословенски спор за Македонија, поконкретно: прашањето дали постои македонска нација како тврдат од Белград и од Скопје, или дали поголемиот дел од населението на Македонија се Бугари, како што сметаат во Софија.

Факт што во тој спор Михајлов застанува на бугарска страна ( факт кој дополнително ќе се утврдува, зоштo ) , го прави за Живков важен сојузник против Југославија, пред се’, среде бугарската и македонската дијаспора во Северна Америка и во Океанија. Во исто време, Михајлов гледа во комунистичка Бугарија партнер против Тито и Лазар Колишевски и против нивниот проект за одделна македонска нација со национален јазик, национална литература, национална црква и специфична македонска – а не бугарска идентичност.

Вистина е дека Турција, Полска, Унгарија, Хрватска, Австрија го прикривале и го заштитувале Михајлов, независно што бил баран од Бугарија поради обвиненија за терористичката дејност, денес во тие држави воопшто не се заморуваат со Иван Михајлов.

Починал на 5 септември 1990 година во Рим на 94-годишна возраст.

Поврзани новости