Амбасадорката на САД, Анџела Агелер, во емисијата „Стадион“ на Канал 77, упати остри критики до македонските институции за убиството на 14-годишната Вања Ѓорчевска. Според неа, институциите биле свесни дека осомничените биле криминалци, но не ги санкционирале.
-Дозволете да ви кажам искрено, како што претходно денес реков, системот не успеа да и помогне на таа млада девојка. Се работи за криминалци за кои се знаело дека се криминалци, дека се насилни и не се во затвор. Не биле претходно апсени и затворени. Не биле апсени и гонети за нивните претходни злосторства, не морале да ја платат таа цена, па цената ја плати една млада девојка. Вања ја плати цената – рече Агелер.
Таа додаде дека институциите треба да се погледнат себеси и да се запрашаат дали можеле да ја спасат Вања.
-Апасолутно е срцепарателно. Апсолутно е срцепарателно. Сега не е време за политизација, туку време за институциите да фрлат еден безмилосен поглед на себе и да се прашаат што можевме да сториме за да ја спасиме оваа млада девојка и сите други деца во земјава? Зошто дозволуваме криминалците слободно да се движат и да вршат злодела врз кого било во државата? Ова е трагедија – порача амбасадорката.