Нејзиниот татко Зафир веста ја објави на својот Фејсбук профил, заблагодарувајќи му се на Фондот за здравство, на јавноста и на професор Др. Мемет Озек.
,,Народе, да сте живи и здрави, Бог ги слушна вашите и наши молитви. Слава Боже, Валерија е будна, без никакви компликации, Бог да ве благослови, да сте живи и здрави сите што бевте со нас во најтешкото, Бог да му даде среќа и здравје на професор Др. Мемет Озек. Упатуваме голема благодарност до Фондот за здравство на Република Македонија и вработените во фондот, затоа што во најкраток можен рок ни овозможија и ги покрија трошоците за операцијата на Валерија, која успешно се заврши’’- извести Зафировски.
Апелот за помош на Валерија беше упатен пред околу две недели и целата земја се сплоти во хуманост. Се одржаа голем број на хуманитарни настани, донираа многу граѓани и јавни личности. Набргу по објавата на апелот се јави и Фондот за здравство, со соопштение дека максимално бргу ќе одговорат и ќе излезат во пресрет на барањето за лекување во странство за осигуреното лице доколку конзилијарно мислење е потврдено од соодветната клиника и во согласност со законските прописи.
Семејството тогаш извести дека паричните средства собрани од хуманитарните акции ќе бидат наменети за други деца на кои им е потребна финансиска помош за лекување.
Вики Клинчарова