Валентина Каранфилова – Стевановска е авторка на два од седумте нови поставени споменици во центарот на Скопје. Медиумите пренесоа дека овие споменици се донација од мистериозното Здружение на Сетинци, Попадинци и Крушоради од Лерин, чиј претседател е 73- годишниот Ташко Јованов. Сите споменици експресно беа поставени завчера, на денот пред прославувањето на 23 години од независноста на Македонија.
Во разговор за „Фокус“, Стевановска изјави дека е авторка на два споменици, на Никола Петров Русински кој е поставен во близина на Универзитетската библиотека и на Св. Лидија, споменик поставен кај плоштадот Богородица. Стевановска тврди дека спомениците ги изработила бесплатно.
„Не зедов хонорар, ги изработив бесплатно. Ме исконтактира тој постариот човек за да ги направам и нивното здружение ги покри трошоците за изработка на спомениците“, ни изјави Стевановска.
Инаку Валентина Каранфилова – Стевановска има изработено поголем дел од спомениците од проектот „Скопје 2014“. До ден денеска остана да виси прашањето зошто токму таа беше бирана за да ги изработува капиталните дела, со оглед на тоа што нејзиното претходно искуство во вајарството е минимално.
Претходно работела како моден креатор и дизајнер а веднаш потоа, Стевановска се прославува. Таа се јавува како автор на Воинот на коњ, ја изработи Триумфалната порта, а нејзини дела се и Летниковецот, неколку скулптури на мостот Око, Воинот (Филип II), плоштадот Карпошово востание… До ден денеска остана тајна колкави хонорари зеде Стевановска за изработката на овие дела.
Ова не е првпат Стевановска да донира споменици. На почетокот на учебната година таа донираше скулптура на Александар Македонски за истоименото основно училиште во Аеродром. Градоначалникот на Аеродром Ивица Коневски изјави дека пари за споменикот не дало ниту Министерството за култура, ниту општината, ниту пак Министерството за образование. Минатата година, скулпторката донираше скулптура на Борис Сарафов. Според ова, досега Стевановска има донирано вкупно четири споменици.
Остануваат голем број отворени прашања во врска со новопоставените споменици. Образложение за донаторот и цената не даде ниту Ташко Јованов, претседателот на Здружение на Сетинци, Попадинци и Крушоради од Лерин, ниту градот Скопје ниту пак Министерството за култура. Не е познато од каде едно мало здружение располага со толкави средства за да донира толку споменици. Јованов, и покрај нашите обиди, не одговори на овие прашања.