Валентина Божиновска, директорката на Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи, која веќе неколку години е голем поддржувач на политиките на ДПМНЕ, во меѓувреме, освен што седи на директорското столче има уште неколку функции.
Божиновска во 2009 година е именувана за член на Националното координативно тело за подготовки и одржување на втората светска конференција за меѓурелигиски дијалог во Охрид. На 23 декември, 2014 година станува член на Комисијата за вршење на подготовки за почеток со работа на јавната научна установа – Филмска академија во Охрид, додека две години подоцна, во 2016 година добива нова функција и тоа како член на Делегацијата на Македонија во парламентарната димензија на Централноевропската иницијатива (ПД ЦЕИ) со потпис од екс собранискиот спикер Трајко Вељаноски.
Таа пред 2008 година го промени партискиот дрес и премина од партијата на Љубчо Георгиевски кај Груевски. Божиновска во 2006 година го нарече тогашниот премиер лажливец и човек кој сече глави, кој особено сакал да ја исече главата на Љубе Бошкоски, потсетувајќи на становите на Груевски, за кои во јавноста долго се дебатираше, но тогашниот претседател на Антикорупциската комисија, Михајло Маневски не најде ништо спорно.
За само две години, Божиновска експресно ги промени ставовите и застана во одбрана на политиките на лидерот на ДПМНЕ.
После 11 декември 2016, по предвремените парламентарни избори Груевски неколку недели по ред ги собираше членовите и симпатизерите пред ДИК со цел да докаже дека победата на изборите е негова и никој нема право да му ја земе.
На една од тие собиранки свој збор зеде Божиновска, која настапи со заканувачки говор на омраза и со хушкачка реторика велејќи дека собирот пред ДИК е „вечер на ножевите“.
– Да ги поздравам бранителите, оваа вечер е вечер на ножевите, оваа вечер е вечер или на разумот или на лудилото на еден човек. На последниот македонски предавник Зоран Заев … Ќе се случи еден ден во кој ќе кажеме „елате браќа и сестри да се собереме и да тргнеме, да видиме кој ќе ни биде цар, а кој шпион…“ – истакна пред седум месеци Божиновска.
И.М.