Општина Валандово се подготвува за 34-то издание на фестивалот на новосоздадени македонски песни ,,Фолк Фест Валандово 2019”.
Традиционалната манифестација ќе се одржи на 30-ти и 31-ви мај во фестивалската сала ,,Јанко Узунов”, а сите детали ќе бидат објавени на прес конференција која е закажана на 21-ви мај во 12 часот во просториите на ЕЛС на Општина Валандово. На прес конференцијата ќе се обратат Градоначалникот на Општина Валандово, Перо Костадинов, членовите на Програмскиот Совет на ,,Фолк Фест Валандово”, Живоин Глишиќ, Методија Автовски и Ѓоко Павлов како и водителите Ѓорги Калајџиев и Ирена Спировска.
По завршување на прес конференцијата ќе се изврши ждрепка за избор на редоследот на учесниците во втората натпреварувачка вечер која ќе се одржи на 31 мај.
Лани на фестивалот како специјална гостинка во ревијалниот дел настапи Ханка Палдум, позната во регионот како босанска кралица на севдалинките. ,,Фокус” дознава дека годинава нема да има гости од странство на настанот, бидејќи се работи за манифестација која ја промовира и негува македонската песна, и гостувањето на ѕвездата предизвикало негодување во јавноста. Затоа од организацијата решиле да ги послушаат апелите на јавноста, по што се однела одлука само наши музички ѕвезди да настапат во ревијалниот дел. Неофицијално, тоа се Сузана Спасовска и Ленче и Горан Кукиќ.
,,Фолк Фест Валандово” за прв пат се одржа во далечната 1985 година. Валандовчани знаат да кажат дека за време на настанот градот буквално заживува и се полни со гости од сите страни. Богато творештво од над 1.000 македонски песни во народен дух се созадени за фестивалот, од кој голем дел се хитови кои и ден денес се вртат по радио станиците.
Вики Клинчарова