Последен пат кога искусивме вакво нешто беше во 1941 година, кога не нападна нацистичка Германија. Украина тогаш го победи тоа зло, а сега ќе го победи и ова. Запрете го Путин, изолирајте ја Русија, прекинете ги со нив сите врски, рано утринава порача Дмитро Кулеба, украинскиот министер за надворешни работи. Тој имаше видео обраќање до јавноста на својот Фејсбук профил.
Фотографии од згради во Киев, уништени од нападот, преплашени луѓе во засолништа, снимки од руски тенкови кои влегуваат во киевскиот кварт Оболон се објавуваат од рано утринава.
Голем број на луѓе ги користат метро станиците како засолништа, каде ја минале ноќта.
На социјалните мрежи се објави вознемирувачко видео на кое се гледа како руско оклопно возило гази автомобил. Набргу потоа се објави уште едно видео, на кое се гледа група на граѓани како се обидува да го извлече возачот од уништеното возило.
-Имаше среќа, жив е, пишува извесен Рагип Соулу, кој ги објави двете видео снимки.
Вики Клинчарова