Вакцините „Спутник В“ произведени во Србија се одобрени за употреба

by fokus

Рускиот институт „Гамалеја“ ја одобри употребата на 550.000 вакцини „Спутник В“, кои до 13 август се произведени на белградскиот институт „Торлак“, соопшти денеска српскиот министер без ресор Ненад Поповиќ.

Тој за РТС кажа дека овие вакцини се со ист квалитет, како и оние што се произведуваат во Русија и дека се планира производство на четири милиони дози до крајот на годината.

Поповиќ наведе дека одлуката за извоз на вакцини ќе ја донесат српската влада и претседателот на Србија, Александар Вучиќ.

„Треба да се договориме со нашите руски партнери во кои земји ќе извезуваме. Треба да добиеме одобрување од нив за извоз за да не извезуваме на исти пазари. Но, сигурен сум дека за Република Српска, Црна Гора, Северна Македонија, Босна и Херцеговина, за нашите соседи, овие вакцини сигурно ќе ги има во доволни количини“, изјави Поповиќ.

Македонскиот министер за здравство Венко Филипче, кој во април беше во официјална посета на Србија, најави дека српскиот институт „Торлак“ ќе биде стратешки партнер македонските власти за набавка на вакцини против ковид-19.

Поврзани новости