Вакцинирањето на децата од корона вирусот е исправно бидејќи во спротивно остава простор за понатамошна мутација и ширење на вирусот. Вакцинацијата на детската популација ја овозможува потребната покриеност на вакцинација кај 80 отсто од населението, заклучија експертите на денешната трибина на тема „Вакцинација и предизвици со Ковид-19“, а на која учествуваа министерот за здравство Венко Филипче, д-р Александра Грозданова, д-р Драган Даниловски и д-р Александар Петличковски.
– Не треба да се остава простор на вирусот за ширење, што значи кога би можеле да ја покриеме и детската популација мислам дека да тоа е добар пристап, ние имаме во моментов други приоритети, а секако имаме и доста дискусии за овие ставови кои што се појавуваат и претпоставувам дека во следниов период ќе се прилагодуваме на развојот на ситуациијата, а ситуацијата ќе се развива. Генерално сметам дека вакцинирањето на децата е исправен пристап, бидејќи во спротивно остава еден празен простор во кој вирусот ќе се рашири повторно и евентуално со некои посериозни мутации ќе биде закана и за веќе вакцинираното население, порача Петличковски.