Вајгл: Судбината на македонскиот народ е поважна од веројатните уцени чија цел е да се заборави на незаконитите постапки на претходната влада

by fokus

Известувачот во Европскиот парламент за Македонија словенечкиот пратеник Иво Вајгл ги повика денеска македонските политичари да се обединат околу проектот за европска и евроатлантска Македонија.

– Сега е важно меѓународната заедница, ЕУ и НАТО и понатаму да ја поддржуваат Македонија на патот кон интеграциите. Останато ќе мора да го одработат македонските политичари кои би морале да бидат свесни дека се работи за долгорочен интерес или дури и за судбината на македонскиот народ и држава.  Тој факт е поголем и поважен од партиските интереси и веројатните уцени чија цел е да се заборави на незаконитите постапки на претходната влада, вели Вајгл во изјавата за медиумите.

Тој истакнува дека мнозинството жители на Македонија го поддржала проектот на сегашната Влада за Договорот со Грција, но „околу половина милион“ потенцијални гласачи од Македонија кои живеат во странство „практично се придружило на бојкотот свесно или поради лажни информации“ со што, оценува Вајгл, придонеле на референдумот да не биде постигната предвидената законска квота од најмалку 50 процентна излезност.

Така, резултатот на референдумот всушност открива „контрадикторна ситуација во денешната македонска политика“ во која сите декларативно се изјаснуваат за европската и евроатлантската иднина на државата, а во исто време на бојкот на референдумот повикуваат и најголемата опозициска партија и шефот на државата, иако, вели Вајгл, вчерашното советодавно референдумско изјаснување било „една од значајните станици на патот на Македонија до целта“.

Поврзани новости