Група граѓани и еко-активсти во среда во 17 часот во градскиот парк ќе одржат протест против енормното загадување на воздухот кое во одредени денови достигнува и до 20 пати над дозволените вредности.
-Загадувањето на воздухот е најголемо до сега! Дури и до 20 пати над нормалата! Болестите и смртноста поради загадениот воздух драстично се зголемуваат. Најмногу страдаат децата, кои секојдневно се движат одејќи на училиште или во градинка, но и сите граѓани кои живеат и работат во Скопје. А локалните и централните власти не преземаат ништо! Демонстрираат тотална негрижа за здравјето и животот на населението. Не смееме да молчиме. Ако се сакаме себе си и своите најблиски мора да излеземе на протест и да побараме итни мерки за чист воздух, се вели во највата за протест, објавена на фејсбук.
Организаторите на протестот имаат 12 барања до централата и локалната власт меѓу кои се воведување пар-непар возење, забрана за движење на возила кои се без катализатори за издувни гасови, бесплатен градски превоз цела зима, зголемен број на инспекции, обезбедување на бесплатен огрев за граѓаните кои се греат на гуми како и привремена забрана за работа на сите индустриските капацитети.
Еко-активистите бараат од новиот парламент да донесе закон за забрана за уништување на било каква вегетација и да донесе законска регулатива според која доколку загадувањето ја надмине пропишаната нормала задолжително да биде преземањето мерки.