В недела часовниците се поместуваат еден час напред – се губи еден час за спиење, но има подолг ден и поголемото количество светлина во вечерните часови

by irena 09:40
09:40

Нa 29 март, в недела наутро, точно во 2 часот, стрелките на часовникот се поместуваат на 3 часот. Во тој миг, имаме еден час помалку за сон од нашиот викенд.

Правилото е едноставно: Додека наесен стрелките одат еден час наназад, напролет стрелките од часовникот ги поместуваме еден час напред. Со други зборови, се движиме кон летото и подолгите денови… Но, за разлика од некои луѓе, повеќето паметни телефони и часовници автоматски ќе се приспособат на новото време.

Можеби чудно што само еден час предизвикува проблеми за телото, но човековото тело не е „програмирано“ за моментни временски промени. Во средиштето на сѐ тоа е циркадијалниот ритам – телесниот „внатрешен“ биолошки часовник којшто одлучува кога човекот е буден, кога се чувствува поспано, како и за бројни други процеси во телото. И, одеднаш, тој внатрешен часовник се наоѓа вон чекор со времето.

Затоа, првиот понеделник по промената, многумина се будат поуморни од вообичаеното, попоспани, помалку сосредоточени и воопшто – со поинакво расположение.

Зошто воопшто има правило и налог да се поместуваат стрелките на часовникот? Идејата за приспособување на времето е од периодот на Првата светска војна. Германија е меѓу првите што вовела летно сметање на времето, со цел да се заштеди енергија и да се намали потрошувачката на јаглен.

Меѓутоа, многумина познавачи денес веруваат дека менувањето на стрелките носи повеќе непријатности отколку полза, бидејќи во современиот свет, заштедата на енергија не е значајна, според многумина – користа е многу мала, додека луѓето сè повеќе се жалат на нарушувања на спиењето и дневните рутини.

Сепак, практиката сè уште постои во голем број држави во светот, вклучувајќи ја и нашата.

Според експертите, има неколку едноставни трикови што може да му помогнат на телото полесно да се приспособи на новиот ритам. Во таа смисла, првиот совет гласи: Постепено поместете го своето време за спиење наназад.

Тоа значи да не се чека саботната вечер, туку луѓето да се обидат да си легнат 15 – 20 минути порано од вообичаеното уште в петок. Ова ќе му олесни на телото да ја прифати промената.

Стручњаците, исто така, велат дека дневната светлина веднаш треба да се пушти во спалната соба. Сончевата светлост наутро и преку целиот ден му помага на телото побрзо да се приспособи на новиот ритам.

Иако се губи еден час за спиење, промената на часовникот има и голема предност – подолгиот ден и поголемото количество светлина во вечерните часови, според познавачите. Имено, по работните часови, ќе има повеќе време за прошетки, дружење, престој надвор в природа и уживање во пролетното време. Сонцето ќе зајде подоцна, па и вечерта ќе биде потопла и попријатна…

Слични вести