Владината одлука за пониски маржи од 10 проценти за дел од основните прехранбени производи стартува од денес, а со неа треба да се намалат цените на 100 продукти меѓу кои ориз, леб, зејтин, сите видови на зеленчук и овошје, месо и месни производи и млеко и млечни производи.
Мерката, која ќе трае до 31 октомври, е речиси идентична како мерката за ограничување на маржите која ја донесе претходната влада, а за која сегашната владејачка ВМРО-ДПМНЕ имаше многу замерки.
Ниту тогаш, ниту сега, граѓаните не се сигурни дека ќе се случи намалување на цените, а експертите сметаат дека овие мерки не се трајно системско решение.
Професорот Ванчо Узунов од Правниот факултет за „Фокус“ вели дека оваа мерка е мешавина на популизам и конзерватизам.
– Јас се сеќавам дека баш за истата мерка која беше предложена од претходната Влада, со ограничување на маржите, тогаш ВМРО-ДПМНЕ беше против, велеше дека треба цените да се одредат на слободен пазар. Дојде таа партија на власт и сега е редот таа да ги смирува цените и го прави потполно истото решение.
Со таа една разлика бидејќи Владата сега не сака да оди целокупна палета производи, мерката е само за одредени производи и одредени празници. Мерката е мешавина на популизам и конзерватизам. Некое средно решение, не е конзервативно да се пушти слободниот пазар но не и крајно левичарско со замрзнати цени. Ни риба ни девојка не е – коментира професорот и економски експерт, Ванчо Узунов.
Според него, Владата мора прво да определи категорија која ќе ја штити, а потоа да најде трајно системско решение кое ќе даде ефект на долги патеки.
– Владава сака на сите да им удоволи, и ако сакаш да те сакаат сите на крај нема да те сака никој. Таа мора да си определи своја категорија, да ги штитиш граѓаните или бизнисот. Ако веќе има конфликт тогаш мора да определиш страна. Сите вакви решенија, амалгамни решенија помеѓу два спротивставени системи се најлошите, се потврдило тоа во пракса.
Втора слабост на ова што се докажа и со претходната влада е што е краткотрајно. Ќе даде ефект и после се враќаме назад. Мора Владата да најде системско трајно решение, а тоа е оној Закон за нефер трговски практики. Е сега бизнисот ќе негодува, нека негодува, но барем ќе се намалат цените – вели Узунов.
Пред неколку дена премиерот Христијан Мицкоски се пофали дека се бележи раст на индустриското производство во јули и август во однос на април мај и јуни и дека тоа било ефектот од економското работење на новата Владата. Професорот Узунов смета дека е рано да се зборува што е заслуга на Владата бидејќи во економијата ниту една мерка не дава ефект веднаш.
– Има отсуство на конзистентна економска политика и желба да се задоволат апетите на сите, Владата не знае кој курс да го фати. Во поглед на економска политика, овие два месеци Владата буквално не знаат што да прават.
На оваа Влада ништо не е заслуга бидејќи немало ни време да го има ефектот. Тоа се вика „јас се напив апче и во истиот момент ми падна температурата“. Нема врска тоа не е од апчето. Во економијата ниедна мерка не дава ефект веднаш, освен онаа забрана за се да се продава од утре – истакна Узунов за „Фокус“.
Орце Костов
По налик на оваа есенска кошничка, владата најави дека потоа ќе следува и предновогодишна кошничка, пролетна кошничка, како и во пресрет на големите празници како Божик и Бајрам, кога продуктите кои во тој период најмногу ќе се трошат исто така ќе бидат со ограничена маржа.