Узунов за „Фокус“: Нискиот економски раст значи поскапи кредити и пад на животниот стандард за граѓаните

by Fokus

Поскапи кредити за државата кои ќе ги враќаат граѓаните и понизок животен стандард ќе биде последица на наискиот економски раст на земјава, што според Светската банка е оценет на 2,1 проценти за 2022 година, вели за „Фокус“ професорот Ванчо Узунов.

-Темата е комплексна и причина за нискиот економски раст може да има повеќе причини, а сепак ако ја земеме општата економска состојба, земјава е зависна од увоз, а во принцип извезуваме примарни производи, а не иновативни, со оглед на руско-украинскиот конфликт, но и земјите каде ги извезуваме нашите производи, логично е да се намали економскиот раст, појаснува тој.

Тој додава дека зависноста од енергенси дополнително ја забавува македонската економија бидејќи постојано владее неизвесност во однос на цените на енергенсите, а поради тоа нема и доволно инвестиции и помрднување во стопанството.

-Според мене Македонија е земја каде најмногу даноци плаќаат сиромашните, а најмалку богатите, токму затоа од економски гледен аспект инсистираме на прогресивниот данок, а стопанството постапува и малку себично бидејќи и во овој случај цените на струјата сакаат да ги покрие Владата, односно граѓаните заканувајќи се со отпуштања, додава Узунов.

Само Русија, Украина и Белорусија имаат помала стапка на раст на своите економии оваа година. Извештајот на Светска банка покажува дека македонската економија годинава ќе порасне за само 2,1% што е најниско ниво во Европа.

-Во актуелната ситуација, засилената политичка несигурност и закочениот парламент , по резултатите од локалните избори и отстранување на пречките за отворање на пристапните преговори со ЕУ, во услови на криза со храна и енергија, може да доведе до одложување на спроведувањето на реформите потребни за поттикнување на потенцијалниот раст и консолидација на јавните финансии. Згора на тоа, намалената домашна и надворешна побарувачка, високи влезни трошоци и недостиг на ликвидност може да доведе до дополнителни отпуштања и зголемување сиромаштија, растегнување на веќе тесните јавни финансии. Конечно, заострувањето на финансиските услови може да влијае на опциите за финансирање и трошоците понатаму – се вели во извештајот на Светска Банка.

Соња Танеска

Поврзани новости