Во услови на економска и енергетска криза, се поголема неизвесност од војната во Украина, економските состојби во земјава нема да бидат подобри, а веројатноста дека кризата ќе се продлабочи е се поголема, вели за „Фокус“ универзитетскиот професор Ванчо Узунов.
-Ситуацијата е непредвидлива и зависи и од начинот како ќе се одвива војната во Украина. Веќе треба да се подготвуваме за тешка зима, некои од земјите веќе имаат планови како да се спроведе стратегијата на штедење, бидејќи во моментот тоа е единственото нешто што граѓаните може да го направат. Оваа криза најмногу зависи од состојбите со војната, а на тоа не можеме да влијаеме бидејќи и не знаме колку ќе трае, додава тој.
Узунов вели дека најголемиот проблем е недостатокот и високата цена на енергенсите, а токму затоа стопанството прави притисок врз Владата за олеснување и мерки за помош на фирмите особено за струјата, но и на Народната банка за да го смени принципот кој подолг период го одржува денарот стабилен. Според него ако се случи девалвација на денарот, секако тоа би било во корист на стопанството, но користа би траела многу кратко бидејќи инфлацијата ќе расте уште повеќе.
-Добра е политиката на стабилен денар, барем досега и во другите земји се покажала за исправна, јас ги разбирам и стопанствениците, но во оваа криза треба да се мисли на општото добро, бидејќи инфлацијата не е предизвикана од побарувачката, туку од понудата, додава тој.
И надлежните најавија дека не очекува тешка зима особено поради набавката на енергенсите, но се надеваат дека ќе нема рестрикции и се најавуваат бројни мерки со цел да се ублажат последиците од кризата.
Министерството за економија планира во август да прогласи кризна состојба во делот на електричната енергија.
-Ако се одвива се согласно планот и во случај да нема забрана на увоз на електрична енергија, како што сме имале во одредени периоди во минатото од страна на Бугарија, не верувам дека би имало рестрикции во нашата држава“, вели министерот за економија Крешник Бектеши.
Соња Танеска