Увозот на работници повеќе не е решение, ретерираат од Влада

by Fokus

Увозот на работна сила не е долготрајно решение и државата прави напори да ја подобри состојбата со недостигот на работници, изјави денеска вицепремиерот за економски прашања, Фатмир Битиќи.

-Со преквалификација и низ процесот на дуално образование ќе се подобри состојбата со пазарот на трудот и недостигот од работна сила. Долгорочното решение е доквалификација, реквалификација на нашите луѓе кои живеат тука и кои треба да се стекнат со нови вештини кои им се потребни на компаниите. Сите други решенија, како што е увоз на работна сила се решенија кои не се одржливи – подвлече Битиќи.

Токму Битиќи беше иницијатор на идејата за увоз на работна сила поради дефицитот на работници во градежниот, угостителскиот и текстилниот сектор. Вицепремиерот денеска посочи дека во земјава има невработени и примарна цел е да се оспособат за полесно да се вработат.

-Секое друго решение е за да може да се задоволи одредена потреба во краток временски рок – истакна тој.

Битиќи сепак ја остава можноста да се увезува работна сила додека домашната не се доквалификува. Како што рече вицепремиерот, на земјава и недостасуваат околу 10.000 работници.

 

Поврзани новости