Судскиот совет на денешната седница утврди дека судии од Апелацискиот суд направиле пропусти во сите четири предмети за кои Работна група од ова тело изврши вонреден надзор во второстепениот суд.
Апелација неоправдано долго ги чувала предметите „Таргет – Тврдина“ и „„Транспортер“ во коишто се обвинети поранешниот шеф на УБК, Сашо Мијалков и поранешниот градоначалник на Битола, Владимир Талески, пресудата за „Трезор“ во кој исто така е обвинет Мијалков се пишувала пет месеци, а пропусти имало и во случајот „Алфа“, односно за убиството на специјалецот кај Природно-математичкиот факултет.
Иако во сите овие предмети Работната група утврди дека судии од овој суд направиле пропусти, засега одговорност нема за никој од нив. Работната група ќе продолжи со работа, но неизвесно е дали ќе поведе некаква постапка за судиите кои постапувале по овие предмети.
-Понатаму цениме дека треба да се преземат сите мерки за утврдување дали постојат основи за евентуални одговорности, изјави рече Тања Чачарова-Илиевска, член на Работната група.
Извештајот на работната група беше усвоен едногласно со 12 гласа „за“ иако во одбрана на судиите единствено застанаа заменик-претседателот Селим Адеми и Миљазим Мустафа, но сите членови констатираа дека Апелација има помалку судии од потребното.
Најголемо внимание предизвика случајот „Таргет-Тврдина“ кој се однесува на масовното прислушување и во кој беше обвинет Мијалков на 12 години затворска казна.
За него работната група констатирала дека предметот се држел во фиока девет месеци, а најголемата одговрност ја утврди кај судијата известител Енвер Беџети кој бил надлежен за динамиката на предметот.
Тој се жалел на големиот број на предмети што му биле доделени за работа, но Работната група утврдила дека имал решено предмети дури од 2022, а случајот за масовното прислушување не го решил.
Истиот судија бил известител и за случајот „Транспортер“ и овој предмет го држел, па поминале седум месеци од одржувањето на јавната седница до донесувањето на одлуката.
За набавката на опремата за прислушување во УБК, односно за случајот „Трезор“, судија известител била Лирије Елези која пак немала образложение зошто и требале пет месеци да ја напише пресудата.
Пропусти се констатирани за случајот „Алфа“, убиство кое се случи пред 14 години, а за предметот уште се одлучува. Последната првостепена пресуда е донесена во 2019 година, а судија известител е Зоран Димитриевски.
Неколкупати се одложувале јавните расправи поради разни причини, но Работната група замерува дека недоаѓањето на странките на седница кои се уредно известени не го спречувала судот да одржи седница.
Ф.Ф.С.