Министерството за економија утврдило дека се доставуваат лажни фактури во делот на увозот на пелети. Затоа, како што соопшти денеска министерот Крешник Бектеши, трговците на мало и на големо со пелети се жалат на цената која е замрзната.
Според Бектеши, цената на пелетите не ја утврдува Министерството за економија, а лажните фактури се кривично дело за кое треба да следуваат санкции и надлежните институции мора да постапат соодветно.
-Цената на пелетите не ја утврдува Министерството за економија, тоа доаѓа како предлог од „Македонски шуми“ и од страна на цените од Царинската управа. Цената пријавена во Царинската управа е 24 денари за килограм. Ако тие доставиле лажни фактури и направиле договори со производителите во странство. Ги повикувам УЈП и Секторот за надзор во Царинската управа веднаш да постапат и да ги контролираат и да бидат санкционирани. Ако кај нас се доставуваат 24 денари, а тие не можат да продаваат со 27 денари, тогаш тие фактури кои се пријавуваат во Царинската управа, јас како министер одговорно кажувам дека се лажни и тоа е кривично дело по кое треба да постапуваат надлежните органи, истакна Бектеши по средбата со производителите и со претставниците на најголемите ланци маркети.