Утврдена е повреда на слободата на јавното изразување на мислата и правото на политичко дејствување на пратеникот Сали Мурати

by Fokus

Уставниот суд утврди дека на пратеникот Сали Мурати му е сторена повреда на слободата на јавно изразување на мислата и правото на политичкото дејствување на начин што од страна на претседателот на Собранието на Република Северна Македонија не се проследени пратеничките прашања до Министерството за култура и туризам и министерот за внатрешни работи поднесени во писмена форма од страна на подносителот на барањето на 5 август 2024 година.

Уставниот суд во овој случај го примени т.н „тест на нужност во демократско општество” кој го применува Европскиот суд за човекови права со цел да оцени дали ограничувањето било оправдано, или постои повреда на слободите и правата.

Првото прашање од овој тест е дали постои вмешување во слободата на јавно изразување на мислата и слободата на политичко дејствување на подносителот на барањето?

Непроследувањето на поставените пратенички прашања на подносителот на барањето од 5 август 2024 година од страна на претседателот на Собранието до Министерството за култура и туризам и министерот за внатрешни работи како дел од предвидената постапка во вакви случаи, претставува вмешување.

Анализата утврди дека не постои уставен институт „сто дена од изборот на Владата“ во чии рамки истата би била ослободена од политичка контрола во форма на пратеничко прашање. Напротив, од ваквото уставно, законско и деловничко уредување од првиот ден на својот избор, произлегува дека Владата функционира во полн капацитет и е одговорна пред Собранието и не постои пречка за поставување пратенички прашања во овој период.

Второто прашање е дали вмешувањето е предвидено со закон?

Oткако Судот утврди дека Деловникот на Собранието го исполнува стандардот „предвидено со закон“, дојдено е до заклучокот дека Деловникот на Собранието на Република Северна Македонија не содржи правен основ согласно кој, претседателот на Собранието може да не ги проследи пратеничките прашања поради неизминати сто дена од изборот на новата Влада.

Од ова произлегува дека вмешувањето не било засновано на закон. Основот „воспоставена собраниска пракса“ на кој се повикува претседателот на Собранието, не е, ниту може да биде основ за вмешувањето со оглед дека не го исполнува стандардот „закон“ кој подразбира постоење општозадолжителен правен акт со правни норми донесен од демократска институција на претставници на граѓаните во претходно утврдена постапка.

Иако е очигледно дека вмешувањето не го исполнува вториот услов, сепак Судот во овој предмет даде одговор и на другите две прашања заради утврдување на тежината на повредата: дали со вмешувањето се остварува одредена легитимна цел и дали е нужно во демократско општество?

Согласно член 10 став 2 од Европската конвенција, тие легитимни цели се: државната безбедност, територијалниот интегритет и јавната безбедност, заштитата на редот и спречувањето на нереди и злосторства, заштитата на здравјето или моралот, угледот или правата на другите, за спречување на ширењето на доверливи информации или за зачувување на авторитетот и непристрасноста на судството.

Во дописот на претседателот на Собранието со кој подносителот се известува дека неговите пратенички прашања не се доставени, не е наведена ниту една од овие причини, ниту пак таква објективно постои ако се има предвид содржината на поставените пратенички прашања.

И на крајот, одговорот на прашањето дали ваквото вмешувањето е нужно во демократско општество, повеќе од очигледно е дека во случајот тоа не е така.

Судот го имаше предвид фактот дека поставувањето пратеничко прашање е уставно право на секој пратеник како претставник на граѓаните во Собранието предвидено со член 72 став 3 од Уставот.

Според тоа, непостапувањето согласно постоечка правна обврска, според наше мислење, може да се квалификува како дејствие – несторување со кое може да биде сторена повреда на слободите и правата.

Поставувањето пратенички прашања, пред се е инструмент на политичка контрола од страна на пратениците. Преку нив се изразува одреден став, мислење и се бара одговор за прашања за кои претставниците на граѓаните сметаат дека се важни за електоратот и на чие поставување претходел одреден мисловен процес кој се манифестира токму преку поставувањето прашање. Самиот чин на поставување е секако акт на политичко дејствување преземен од поединец кој врши политичка функција во рамките на политичка институција и чие поставување зависи од неговата волја и одлука да се постави такво прашање.

Поврзани новости