Денеска на Општа седница на Врховниот суд ќе се расправа за тоа дали државата е виновна што македонските граѓани со години дишат загаден воздух, кој сериозно го нарушува нивното здравје.
Поточно, на дневен ред ќе се најде Иницијатива за утврдување начелен став и начелно правно мислење поднесена од Адвокатско друштво Гоџо, Кичеец и Новаковски од Охрид, а која се однесува на загадениот воздух.
Се почна пред околу три години, кога за првпат во државава, но и во регионот, неколкумина граѓани решија по судски пат да си го побараат она што им следува по закон и Устав, односно да дишат со полни гради.
По кревање на раце на понискиот суд, ова важно прашање пред околу една година стигна до највисокиот суд, Врховниот.
ПРВАТА ТУЖБА Е ОД 2020 ГОДИНА
Почетокот на приказната пак е кога неколкумина адвокати, од адвокатските друштва „Бона Фиде“ и „Гоџо, Кичеец и Новакоски“ го прифаќаат предизвикот и застапуваат неколкумина граѓани, преку 11 предмети пред Управниот суд.
Поголемиот дел се завршени со одбивателни пресуди по што предметите стигнале на следната адреса, а тоа во случајот е Врховниот суд.
Првата тужба во Управниот суд била поднесена во март 2020 година од засегната скопјанка, и тоа против државата, претседателот на Владата, министерот за животна средина и директорот на Државниот инспекторат за животна средина.
Формално, се однесува на заштита поради незаконско дејствие, кое се состои од непреземање дејствија за исполнување на законски предвидената обврска за обезбедување услови за остварување на правото на здрава животна средина.
Имено, жителка на Карпош навела дека ѝ било попречено и оневозможено правото на здрава животна средина, во реонот во кој живее, а, од друга страна, немала можност да се обрати до кој било надлежен орган со цел да го оствари своето право.
За да го поткрепи своето тврдење, скопјанката се повикува на податоците од мерната станица поставена во општината, истакнувајќи дека загадувањето трае уште од 2012 година и сѐ уште продолжува.
Таа, освен на Уставот, се повикува на неколку законски решенија, според кои, се уредува должноста на надлежните да ја спречат ваквата состојба.
Во Законот за квалитет на амбиентен воздух се предвидува должност на надлежните органи да ги преземат сите неопходни мерки, со цел да не дојде до надминување на граничните и целните вредности за загадувачките супстанции во воздухот“, наведува засегнатата скопјанка.
Таа ги набројува и сите национални и акциски планови што требало да ги донесе државата, како мерки во борбата против загадувањето.
Потенцира дека во 2013 година бил донесен Национален план за заштита на амбиентниот воздух, со рок од 5 години, потенцирајќи дека по истекот на рокот, планот никогаш не бил обновен од Владата.
„Со пропуштање на оваа дејствие, Републиката нема основен стратешки документ за заштита на воздухот, а со тоа нема ни предвидено стратешки мерки, кои би биле одговор на постојаните и повторувачки состојби на високото аерозагадување, кое е карактеристично за реонот на Скопје“, наведува подносителката на предлогот.
Таа додава и дека државата има обврска да прибира и споделува информации со јавноста за одлуките важни за животната средина, повикувајќи се на праксата на Европскиот суд за човеков права.
ЗА ДРЖАВНОТО ПРАВОБРАНИТЕЛСТВО ДРЖАВАТА И ВЛАДАТА СЕ НЕВИНИ
Во име на државните институции, „одбраната“ за обвинувањата ја дава Државното правобранителство. Оттаму и го оспоруваат правото на скопјанката да поведува управен спор, бидејќи, според нив, не постоел конечен управен акт со кои ѝ биле повредени слободите и правата загарантирани со Уставот, ниту, пак, посочените државни институции презеле некое дејствие со кое ѝ ги повредиле правата. Затоа предлагаат тужбата да се отфрли како неоснована.
Исто така, од правобранителството посочиле дека Судот не може да дава забрани и задолженија на посочените државни институции.
„Судот како судска власт не е надлежен да се меша во работата на извршната власт преку изрекување забрани и задолженија за постапување“, истакнале од Државното правобранителство.
Управниот суд на крајот решава предлогот да го одбие како неоснован.
„Во конкретниот случај, на предлагачот не му се спречува или ограничува непосредна слобода или право, затоа што преземањето на дејствијата од страна на органи во насока на превенција и заштита од загадување не значи дека се дејствија што ќе бидат преземени исклучиво за предлагачот“, образложиле од судот.
Па така, судот во појаснувањето на својата одлука вели дека во конкретниот случај не се работи за непосреден, туку за посреден интерес на тужителот. Или, со други зборови, тоа што надлежните институции преземаат или не преземаат мерки за загадувањето, влијае врз целокупното население, а не само врз тужителот.
„Во конкретниот случај, не се работи за поединечен, туку за општ интерес, што значи не е исполнет еден од условите за поднесување предлог за заштита поради незаконско дејствие“, заклучиле од Управниот суд.
Речиси идентичен спор пред Управниот суд покренуваат уште неколкумина жители од различни скопски населби, но завршуваат со одбивателни пресуди.
Токму затоа сега се очекува клучна одлука од Врховниот суд.
Валентина Вурмо