Утре пресуда за Заев, во среда за Груевски

by fokus

Кривичниот суд во понеделник ќе ја објави пресудата за предметот „Поткуп“ во кој е обвинет премиерот Зоран Заев, а два дена подоцна, во среда ќе биде објавена и пресудата за поранешниот премиер Никола Груевски за случајот „Тенк“.

На минатото рочиште за „Поткуп“ обвинителката Валентина Бислимовска побара измена на правната квалификација на обвинителниот акт и наместо за примање поткуп, обвинетиот Зоран Заев да биде суден за барање поткуп.

Обвинителката за ова кривично дело побара од Судот на Заев да му се изрече осудителна пресуда, која, според законот, е од една до пет години затвор.

Заев очекува ослободителна пресуда во овој судски процес, бидејќи како што изјави, се работи за монтиран случај со цел да биде спречен да ги објави „прислушуваните разговори“.

Во среда, пак, се очекува пресуда во предметот „Тенк“ на СЈО. Обвинителите на СЈО во завршните зборови на последното рочиште побараа Судот да ги прогласи за виновни поранешниот премиер Никола Груевски и поранешниот помошник-министер во МНР Ѓоко Поповски, како и да ги платат судските трошоци во висина од 313.160 денари.

Обвинителот Гаврил Бубески побара Судот при утврдување на кривичната одговорност на обвинтетите да ги имаат предвид отежнителните околности дека Груевски дејствувал со директна умисла додека бил премиер и делото го направил од лична желба, но со буџетски средства, а како олеснителна околност неговата семејна состојба.

На новинарско прашање по завршување на рочиштето за висината на казните на обвинетите, Бубески, рече дека за Ѓоко Попоски е предвидена казна затвор од пет до 15 години, додека за Никола Груевски е предвидена казна затвор од една до три години и дека очекуваат во тие рамки да се движи и Судот.

 

Поврзани новости