Постапката за собирањето потписи на избирачите за кандидирање на локалните избори започнува утре согласно Роковникот на Државната изборна комисија, а завршува на 30 август на полноќ. Досега, повеќе групи на граѓани најавија собирање потписи за учество со свои листи на локалните избори.
Подносителот на листа определува пред кои нотари ќе се собираат потписи и за тоа ја известува ДИК, која на својата интернет страна објавува листа на нотари пред кои подносителите на листа собираат потписи.
Трошоците за собирање на потписи пред нотар ги сноси подносителот на листата. Секој избирач својот потпис може да го даде за повеќе листи на кандидат за градоначалник. Избирачите кои ја поднесуваат листата треба да имаат избирачко право и постојано живеалиште на подрачјето на општината.
Кога подносител на листа на кандидат за градоначалник е група избирачи, потребно е да се соберат во општината до 10.000 жители најмалку 100 потписи од запишаните избирачи, во општината од 10.001 до 30.000 жители потребни се најмалку 150 потписи, во општината од 30.001 до 50.000 жители најмалку 250 потписи итн.