Утре одлука за зголемување на овластувањата на инспекторите

by fokus

Владата на утрешната седница ќе одлучува за зголемувањето на овластувањата на инспекциите.

Вицепремиерот за борба против корупцијата и криминалот, одржлив развој и човечки ресурси Љупчо Николовски, министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, министерот за здравство Венко Филипче, претседателката на Инспекцискиот совет Магдалена Филиповска-Грашкоска и директорите на инспекциските служби денеска одржаа состанок во врска со спроведените инспекциски контроли во текот на изминатиот викенд, како и предлозите за зголемување на надлежностите на инспекторатите.

На состанокот биле разгледани предложените измени на Законот за заштита на населението од заразни болести, со коишто се предвидуваат нови поголеми овластувањa на инспекциските служби за справување со прекршителите на ковид протоколите.

-Новите поголеми овластувања е предвидено да важат за сите инспекциски служби на национално и на локално ниво. Предлог измените ќе бидат доставени на утрешната владина седница, информираат од Владата.

Инаку, од почетокот на месецот до денеска, Државниот пазарен инспекторат извршил 160 контроли во целата држава, од кои најмногу во Битола (37), Гостивар (30), Скопје (28) и во други градови. Притоа, биле поднесени 18 кривични пријави, а издадени осум решенија за пречекорување на работно време и изречени се 22 глоби, соопштуваат од Владата.

Поврзани новости