Скопското обвинителство најверојатно утре ќе го поднесе обвинението за киднапирањето и убиството на 14-годишната Вања Ѓорчевска и 74-годишниот Панче Жежовски, дознава ,,Фокус”.
Со обвинителниот акт се очекува да бидат опфатени Боре Видевски, Велибор Манев и Влатко Кешишев, а се уште не е познато дали статус на обвинет ќе добие и таткото на Вања, Александар Ѓорчевски.
Засега надвор од групата останува и Љупчо Палевски -Палчо, бидејќи истрагата против него се уште трае. Се чека вештачењето на телефонот и другите доказни материјали кои беа најдени кај него, кога беше уаспен во Турција.
Тоа пак што еден од осомничените, каратистот Видевски, вчера негираше вина, пред Врховниот суд на рочиште за притворот, воопшто не влијае на веќе составениот мозаик од Обвинителството за случајот.
-Обвинетиот во исказ пред Јавното обвинителство целосно го негираше постоењето на двете кривични дела и на убиството на Панче Жежовски и на убиството на девојчето во Скопје и по направениот увид во Јавното обвинителство ќе доставиме соодветни докази кои ќе го потврдат неговото тврдење, изјави вчера неговиот адвокат Бојан Манев.
Во првиот исказ даден пред обвинителството Видевски, заедно со останатите осомничени, го признаа делото и го открија местото каде што беа закопани телата, а Палевски го посочија како извршител на убиствата. Оваа нивно прво сведочење е дадено во присуство на адвокат и е снимено. Но како што дознаваме, не вчера, туку уште за време на истрагата, како што впрочем посочува и неговиот адвокат во изјавата, каратистот се предомислува и во нов исказ негира вина.
Како што веќе неодамна пишуваше неделникот,,Фокус”, ваквото сценарио може да се очекува, па затоа задачата на обвинителството во изминатиот период беше да се проверат првичните искази во корелација со материјалните докази, бидејќи она што првично го кажале осомничените може и да се промени.
Поточно, и кога ќе седнат на обвинителна клупа, тие можат да ја сменат тактиката за нивна одбрана, односно да не го признаваат кривичното дело и да посочат дека тоа што го кажале во истрага не е точно.
Во ваков случај, според стариот ЗКП, судот имаше увид во двата искази, па му поклонуваше верба на оној за кој сметаше дека е вистинит. Но, со законот од 2013 година, се „важи“ она што е кажано во судница. Сепак, обвинителот во ваков случај може да го соочи обвинетиот со исказот кој тој го смета за веродостоен. Доколку, пак, и другите докази одат во насока на првичниот исказ, тогаш е јасно дека обвинетиот ја сменил тактиката за одбрана во судница.
,,Доколку на главната расправа обвинетиот не даде исказ или даде поинаков исказ за одделни факти или околности, јавниот обвинител може да бара да се прочита или репродуцира исказот на обвинетиот даден претходно во постапката”, предвидува член 391 од ЗКП.
За овој случај, меѓу доказниот материјал се и неколку снимки. Од она што е познато, е дека не е снимен моментот кога е киднапирана Вања, бидејќи влезот од зградата е мртов агол, па не го „фаќаат“ камерите од околните згради и оние од Сејф сити. Тоа, пак, укажува на фактот дека грабнувачите биле добро информирани за видеонадзорот.
Досегашните сознанија се дека Вања прво била однесена во подрумска просторија од која Палевски имал клуч и била негова. Таму ѝ биле врзани рацете и нозете по што била ставена во вреќа за спиење. За нешто помалку од три часа, пак, девојчето било убиено.
По оценката на Обвинението, доколку е позитивна, ќе стартува и судењето за обвинетите. Во моментот кога истрагата ќе заврши за Палевски, а доколку судењето се уште нема да биде завршено за останатите, тогаш и тој ќе им се приклучи во судница.
Тие се соочени со казна доживотен затвор.
Валентина Вурмо