Плоштад Слобода и 9 невладини од внатрешноста на Македонија утре во 18 часот на платото пред стоковната куќа „Мост” во 18 часот организираат прошетка низ објектите и спомениците од проектот Скопје 2014. Настанот наречен „Со ваши пари Скопје се гради” ќе биде пропратен со мобилни форуми, говори и со дискусии за трошењето на јавните пари и растечкиот јаз помеѓу главниот град и провинцијата
„Иако скандирањето „Со ваши пари Скопје се гради” низ салите и стадионите низ Македонија е намерно зајадливо и иритирачко, ние на оваа дискусиска прошетка сакаме да ја преиспитаме неговата вистинитост стоејќи непосредно пред најголемите јавни инвестиции во историјата на Македонија, соочувајќи ги активистите од внатрешноста со нивните проблеми. Покрај нивните излагања, свои мислења ќе дадат и скопските активисти Искра Гешоска, Артан Садику, Васко Лазаревски“, велат од Плоштад слобода на фејсбук-страната посветена на овој настан.
Активистичките јадра формирани од проектот „Граѓански Активатор” ги вклучуваат Тетово, Велес, Кавадарци, Дебар, Кратово, како и други помали места низ Македонија. Во изминатите неколку месеци секое од нив идентификуваше проблем од локално значење и, споделувајќи знаења и искуство со другите јадра, организираше настан во насока на решавање на проблемот. Тие ќе ги презентираат и своите проекти на прошетката „Со ваши пари Скопје се гради”.