Утре на собраниска седница – се предлага да гласаат и граѓаните со истечени документи

by fokus

Избирачите да може да гласаат со лична карта или патна исправа чија што важност истекла во периодот од 9 (девет) месеци до денот на одржување на изборите, се предлага во преодна одредба од Изборниот законик чии измени утре ќе се најдат пред пратениците.

Предлог законски измени на Изборниот законик, по скратена постапка, со кој, освен имплементација на препораките на ОБСЕ/ОДИХР се врши и допрецизирање на одредбите во однос на регистрацијата на гласачите со отстранување на ограничувањата врз основа на истечени документи за идентификација, како и со разјаснување на процедурите за вклучување во избирачките списоци на лицата кои ќе наполнат 18 години помеѓу двата круга, ќе се најде утре на собраниска седница.

На собраниската веб-страница, за утре е закажана 147. седница на Собранието, на чиј дневен ред се две точки – Предлог на закон за дополнување на Законот за високото образование и Предлог на закон за изменување и дополнување на Изборниот законик, и двете по скратена постапка.

Предлог изменување и дополнување на Изборниот законик се поднесени од пратениците Арбер Адеми (ДУИ), Мартин Костовски (СДСМ) и Никола Мицевски (ВМРО-ДПМНЕ).

Во предлог текстот, се вели дека предложеното законско решение е во насока на подобрување на изборниот процес и обезбедување на еднакво, демократско и слободно избирачко право.

Поврзани новости