Додека Македонија е во очекување на најголемиот спортски натпревар во својата историја, фудбалскиот меч помеѓу нашата репрезентација и Португалија, кој ќе се случи утре во 20.45 часот, на јавниот национален сервис МРТ нема да има пренос.
Наместо мечот кој ќе се одвива на стадионот Драгао во Порто, и кон кој се свртени не само нашите, туку и љубителите на фудбалот од целиот регион, на МРТ во време кога ќе започне натпреварот, ќе се емитува снимка од 94-то издание на Оскарите.
Низа на критики до националниот радиодифузер доаѓаат од разочараната публика, која нема да може директно да го проследи мечот на националната телевизија, како што се случи и со мечот со Италија.
Натпреварот го проследија оние кои се корисници на Телекабел и Телеком, но не и граѓаните кои се претплатници на А1. Причина за неемитувањето е тоа што МРТ ги нема ТВ правата.
-Зарем МРТ нема да најде начин да го пренесува овој настан и народот ќе треба да бара бесплатен стрим на интернет? Уште колку значајни натпревари ќе треба да пропуштиме, или пак да бараме алтернативни начини за да ги гледаме? –се често поставувани прашања на социјалните мрежи, а се бара и промена на менаџментот на МРТ.
Од друга страна пак, две општини веќе излегоа со соопштение дека на градските плоштади на видео бим ќе се врши директен пренос на фудбалскиот натпревар. Заедно на плоштадите ќе навиваат жителите на Охрид и Куманово.
Вики Клинчарова