Ве молиме да не се срамите! Утре пак ќе треба да дојдете во Австралија, но ќе биде тешко за вас и за нас. Северните Македонци имаат свои естрадни уметници. Македонија нема што да слави сега, нејзиното име е збришано, а со тоа збришана е и независноста – порача на социјалните мрежи историчарот Ицо Најдовски – Перин, објавувајќи го плакатот со пејачите кои првично требаше да настапат во Пеленица, на Денот на независноста на Македонија.
Станува збор за настан организиран од Општинската организација на СДСМ – Кисела Вода, по повод Денот на независноста на Македонија.
Објавата на Најдовски, кој живее во Австралија и е голем активист во тамошната македонска заедница беше поддржана од стотици иселеници.
– Да ја заборавете во иднина Австралија за пари правење! Овде ќе ни се правите патриоти и ќе се виткате со знамето од Кутлеш за евра и долари!
Тука ќе веете знамиња, а таму на предавници ќе пеете, сите ќе бидете избришани и бојкотирани – се дел од многубројните пораки од страна на нашите иселеници во Австралија.
Настапите во Пеленица веќе ги откажаа Јордан Митев, Адријана Кеш и Татјана и Новица Василевски.
Од Мерак Меана пак, кои исто беа првично најавени како музички гости, велат дека по грешка било ставено нивното лого на плакатот.
Нивниот музичар Горјан Стојановски, кој воедно е и претседател на Здружение на естрадни уметници на Македонија (ЗЕУМ), за „Фокус” вели дека станува збор за недоразбирање.
– Мерак Меана не настапува во Пеленица, не требаше ниту на првиот плакат да ни го стават логото, ќе настапат само двајца – тројца музичари кои свират во оркестарот на емисијата.
Тоа не значи дека настапува цел проект, како што настапувал во други општини. Не е контактиран никој од организацијата на емисијата за да настапува проектот, туку е контактиран еден од музичарите да биде дел од оркестарот кој ќе настапува, и најверојатно со тоа си земале право да го стават логото – вели Стојановски.
Нивното лого сега е отстрането од плакатот. Како музички гостин додаден е Ефто Пупиноски и диџејот Фичо.
Вики Клинчарова