Утре ќе гледаме, ама нема да пееме на Евровизија: Кои наши претставници поминаа најдобро, а кои најлошо?

by Fokus

Утре во Ливерпул ќе се одржи првата полуфинална евровизиска вечер, а Македонија годинава нема да учествува на манифестацијата поради економски причини.

Како што појаснија од МРТ, одлуката била во најдобар интерес за граѓаните.

– Имајќи ги предвид зголемените трошоци поради енергетската криза кои зафаќаат голем дел од буџетот на Јавниот сервис, но и зголемената котизација за самото учество на Евровизија 2023, којашто до лани изнесуваше 39.143 евра, а за идната година се очекува да биде повисока, нема да учествуваме на Евровизија 2023. Оваа одлука ќе овозможи заштеда на средства коишто би требало да бидат издвоени за престојот на македонската делегација во Ливерпул, каде што се одржува Евросонг 2023 – информираа од јавниот сервис минатата година.

Од регионот, утре ќе настапат Србија и Хрватска, додека пак на втората полуфинална вечер, во четврток, настапуваат Грција, Албанија, Словенија…

Финалето ќе се одржи во сабота, на 13-ти мај.

Иако нема да учествуваме на настанот, сепак МРТ ќе врши директен пренос.

Македонија за првпат учествуваше на Евровизија во 1998 година, со Владо Јаневски и песната „Не зори зоро”.

Речиси сите македонски популарни пејачи во годините наназад си ја пробаа среќата на настанот. Тоше Проески, Калиопи, Каролина Гочева, Некст Тајм, Елена Ристеска, Даниел Кајмакоски, Тамара Тодевска, Тијана Дапчевиќ, Есма и Влатко Лозаноски, Васил Граванлиев, Мартин Вучиќ и многу други застанаа на големата евровизиска сцена, но најдобриот пласман на земјата и го донесе Тамара Тодевска со „Proud” во 2019 година, кога го освои седмото место.

Кога станува збор за најлош пласман, тоа се случи во 2011 година со Влатко Илиевски со песната „Русинка” и во 2013 година со Есма и Лозано со песната „Пред да се раздени”.

Лани македонска евровизиска претставничка беше Андреа, а настанот беше засенет со случката кога за време на церемонијата на отворањето на Евровизија 2022, таа го фрли на земја македонското знаме, со што предизвика бурни реакции и јавна осуда.

Од МРТ тогаш известија дека јавниот сервис ќе ги преземе сите законски решенија и дисциплински мерки по враќањето на нашата делегација во земјава, а набргу потоа ја соопштија одлуката за откажаното учество на Евровизија 2023.

Вики Клинчарова

Поврзани новости