Утре доцна попладне и навечер нова ГОЛЕМА промена – следуваат дождови и снегови

by fokus

До крајот на денов, како и утре особено претпладне, под влијание на стабилна, сува и многу топлва воздушна маса од југ времето ќе биде стабилно, суво и натпросечно топло. Денес максималните дневни температури на воздухот се очекува да се искачуваат во интервалот од 16 до 25 степени, утре пак истите ќе бидат малку пониски и ќе се искачуваат во интервалот од 13 до 20 степени. Во Скопје и околината максималните дневни температури исто така ќе бидат над просекот за овој дел од годината и ќе се искачат до околу 21, 22 степени.

Утре облачноста ќе се зголемува и навечер, како и во текот на ноќта кон недела во поголемиот дел од државава ќе има врнежи од дожд, на планините врнежите ќе бидат од снег. Во недела ќе биде значително посвежо со врнежи од дожд, на повисоките места и на планините врнежите ќе бидат од снег каде се очекува да се формира и нова снежна покривка, сето ова ќе биде проследено и со северен и североисточен ветер кој повремено ќе засилува.

Максималните дневни температури во недела ќе се искачуваат во интервалот од 3 до 11 степени. Исто така во недела особено доцна попладне и навечер, како и во текот на ноќта кон понеделник, услови за врнежи од снег ќе има и на некои места со надморска височина од под 1000 метри што значи дека зимата уште еднаш ќе ја покаже својата сила.

Престанок на врнежите и стабилизирање на времето ќе има во понеделник, особено попладне и навечер.

НАПОМЕНА: Во текот на следните неколку денови поради најавената нова ГОЛЕМА промена на времето, биометеоролошките услови кај нас ќе бидат значително понеповолни па така кај поголем дел од граѓаните, особено кај метеопатите можни се и поголеми здравствени проблеми.

Подготви: Славчо Попоски

Поврзани новости