Советот на општина Охрид на денешната вонредна седница свикана по повод ненадејната смрт на градоначалникот Јован Стојаноски едногласно донесе одлука утрешниот ден (17 декември) да биде прогласен за ден на жалост на територијата на општината.
Согласно одлуката, за утре се откажуваат сите закажани манифестации од културно забавен карактер.
Комеморативната седница за Стојаноски ќе се одржи утре во 10 часот, во Големата општинска сала, по што во 14 часот на Градските гробишта во Охрид ќе се одржи погребот.
Градоначалникот на Охрид проф.д-р. Јован Стојаноски почина вчера изутрина, во возила на службата за итна медицинска помош, на пат кон Центарот за кадриоваскуларни болести.
Стојаноски беше професор на Факултетот за туризам и угостителство во Охрид, а градоначалничката функција ја вршеше од 20 октомври минатата година, по победата во првиот круг од Локалните избори.
Стојаноски имаше 48 години, беше оженет и татко на две деца.