На денешното рочиште за судењето за убиството на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски, сведочеше чичкото на мајката Зорица, Митре Лазаров.
Тој рече дека за исчезнувањето на неговата внука дознал од мајката Зорица.
-Ме извести Зорица, ми се јави дека ја нема Вања. Ми рече дека последниот сигнал од телефонот на Вања, бил кај Силбо, на Партизанска. Тргнав да барам по уличките, бидејќи таму живеам. Таму го видов Александар, седеше во возилото, со уште еден полицаец. Ми рече утепана е Вања, ќе се утапам и јас. Не излезе од колата додека баравме. Потоа дури и си замина, а јас продолжив да барам, сведочеше вознемирено Лазаров.
На прашање на обвинителката тој одговори дека ваквото однесување на таткото Александар му било чудно.
Со неговото сведочење заврши денешното судско рочиште, а следното продолжува на 13 ноември.
За двете грозоморни убиства обвинителството ги обвинува Љупчо Палевски, Боре Видевски, Велибор Манев и Влатко Кешишов, како и таткото на девојчето, Александар Ѓорчевски. Сите на првото рочиште од судењето се изјаснија дека не се чувствуваат виновни.
Судењето го води судијата Ивица Стефановски, а застапник на обвинението е обвинителката Жаклина Крстевска.
Валентина Вурмо