Владата на Република Македонија денешната 102 седница ги усвои стандардните оперативни процедури за постапување со жртви на трговија со луѓе.
Тие уредуваат постапки, процедури и начини на обезбедување, помош и заштита на сите жртви на трговија со луѓе, без разлика дали се домашни или странски државјани со легален или илегален влез во државата, преку сеопфатен приод заснован на човекови права и насочен кон жртвата во форма на институционализирани рамки на соработка, информира владината прес-служба.
Стандардните оперативни процедури, како што се наведува, треба да овозможат координирано постапување и партнерство на сите вклучени страни во борбата против трговијата со луѓе на локално, национално и меѓународно ниво, заради заштита на човековите права на жртвите, подобрување на идентификацијата на жртвите на трговија со луѓе, како и да дадат насоки за пружање помош и заштита на жртвите на трговија со луѓе во согласност со нивните човековите права.