По усвојувањето на новите наставни програми за четврто одделение чија примена започнува со новата учебна 2021/2022 година, Министерството за образование и наука (МОН) и Бирото за развој на образованието ги продолжуваат активностите за етапна имплементација и ефектуирање на новата Концепција за основно образование која треба значително да ги подигне стандардите за квалитет и суштински да ја промени базата на националниот образовен систем, соопшти МОН.
Во таа насока, како што посочуваат, објавен е повик за искусни практичари за изработка на нови материјали за учење и прирачници за реализирање на наставата во четврто одделение.
Материјалите за учење се однесуваат на предметите Македонски јазик, Албански јазик, Турски јазик, Српски јазик, Босански јазик, Математика, Природни науки и Историја и општество, додека прирачниците се наменети за изведување на наставата по Музичко образование, Ликовно образование, Физичко и здравствено образование и Техничко образование.
– Сите содржини во материјалите за учење и во прирачниците за наставниците треба да се базирани на современи, научно засновани и релевантни сознанија, а сите примери и активности да бидат креирани на начин и авторски јазик кој ќе биде интересен за учениците и соодветен нивната возраст. Истите треба да ја промовираат еднаквоста и почитувањето на различностите, инклузивноста, да ја поддржуваат мултиетничката интеграција и да придонесат секој ученик да ги постигне очекуваните резултати од учењето и да ги стекне компетенциите дефинирани во новите наставни програми за четврто одделение, наведуваат од Министерството.
Оттаму веруваат дека повикот ќе го поттикне интересот за пријавување кај соодветната стручна и експертска јавност, затоа што, како што нагласуваат, и самата иницијатива за крупни промени во образованието која ја покрена актуелната Влада и раководствата на институциите на системот, но и отворената можност за учество на сите заинтересирани, создадоа мотивираност особено кај засегнатите ученици, наставници, стручни соработници, граѓански организации и здруженија да дадат свој придонес кон конкретизацијата и спроведувањето на планот за реформа на основното образование.
– Во текот на минатиот месец беа изработени и наставните програми за прво одделение, а воедно и објавени повиците за автори/авторски тимови за изработка на материјалите за учење и за ликовни илустратори/графички дизајнери за изработка на детски илустрации, потсетуваат од МОН.