На Конференцијата посветена за раст на Западен Балкан во Тирана, на која учествуваа лидерите на државите од регионот, меѓу кои и премиерот Талат Џафери, беше усвоена заедничка изјава во насока на понатамошната институционална соработка меѓу државите, со прецизирање на конкретните чекори и иницијативи за реализација на оваа важна цел за квалитетот на живот на граѓаните во целиот наш регион.
Лидерите од Западен Балкан, во Изјавата се обврзаа да започнат структуриран дијалог, заедно со Европската комисија и земјите членки на ЕУ, со цел спроведување на Планот за раст, на начин којшто ќе донесе поединечна полза и може да го поттикне регионалниот просперитет и социо-економското приближување кон ЕУ.
Во изјавата е оценето дека, Планот за раст за Западен Балкан претставува одлична можност за унапредување на интеграцијата на регионот на Единствениот пазар, како и во механизмите и инструментите на ЕУ, додека се забрзуваат реформите во стратешките и суштински области, вклучително и оние поврзани со владеењето на правото и основните права.