Државната изборна комисија (ДИК) го усвои ревидираниот роковник за претстојните локални избори, усогласен со измените и дополнувањата на Изборниот законик, донесени вчера од Собранието, а предложени од пратенички групи од владејачкото мнозинство и од опозицијата. Со измените во Изборниот законик, се предвидува да можат да гласаат и лица на кои им истекол рокот на важност на лични карти, а кој рок истекол од денот на распишување на изборите до денот на нивно одржување, што значи од 6 август до 30 октомври.
Освен измените и дополнувањата на роковникот за извршување на изборните дејствија за спроведување на избори за градоначалници и градоначалник на градот Скопје и членови на советите на општините и советот на главниот град во 2021 година, ДИК усвои и упатство за ангажирање на лица од редот на вработените во секторите за информатичките технологии или надворешни ИТ лица и донесе одлука за објавување на описите на избирачките места.
Членот на ДИК Борис Кондарко информира накратко за поважните измени на Изборниот законик.
– Се воведува обврска за која го пропишуваме рокот најдоцна до 25 септември до 24 часот, сите службени органи и институции кои располагаат со возила да ги достават податоците до ДКСК, со цел увид во користењето на истите за време на избори и спречување на евентуални злоупотреби. За сите радиодифузери, печатени медиуми и портали, кои се регистрирани за платено политичко рекламирање во ДИК, остануваат нивните регистрации, а оние кои го пропуштиле рокот, се определува нов рок за регистрација. Тој рок ќе почне на 17 септември и ќе трае до 19 септември, заклучно со недела до 24 часот, соопшти Кондарко.
Кондарко информира дека во најскоро време ДИК ќе направи упатства и соодветни обрасци за оние за кои се однесуваат измените во Изборниот законик опфатени во ревидираниот роковник.
– Се предвидува и рок за пријавување на лицата кои се позитивни на коронавирусот или се во самоизолација за гласање во домашни услови. Овие лица ќе гласаат ден пред одржувањето на првиот круг, односно 16 октомври и 30 октомври доколку има втор круг, соопшти Кондарко.