Собранието на Република Македонија попладнево го утврди и четвртиот Нацрт-амандман на Уставот предвиден со уставните измени согласно Договорот од Преспа.
За Нацрт-амандманот, што се однесува на грижата на државата за иселениците, беше прифатен со 66 „за“ и седум „против“, а тројца пратеници беа воздржани.
Собранието усвои и неколку заклучоци согласно кои ќе следи јавна расправа која ќе трае пет работни дена. Нацрт-амандманите ќе бидат објавени во печатените медиуми „Слободен печат“ и „Коха“, a граѓаните, политичките партии, здруженијата на граѓани и учесниците во јавната расправа ќе ги достават своите забелешки и сугестии до Владата, а таа како предлагач треба да ја следи и да ги сумира јавната дискусија и во рок од два дена по нејзиното завршување да достави до Собранието извештај за резултатите од јавната дискусија и текст на предлогот на амадманите.
Заклучоци кои денеска ги усвои Собранието ќе бидат објавени во „Службен весник“.
Третиот амандман беше прифатен денеска во претпладннвниот дел од седницата, а првите два амандмани во текот на изминатиот викенд.