Владата неофицијално ги информираше медиумите за нивните следни чекори во врска со францускиот предлог. Најверојатно истиот нема ниту да биде изложен пред пратениците туку ќе се прифати на седница на Влада после консултациите со претседателот на државата и другите чинители во домашната политика.
На овој начин би се избегнал раскол во владејачката коалиција каде дел од помалите партии веќе изразија незадоволство околу прифаќањето на првичниот француски предлог и евентуални блокади и инциденти кои би ги предизвикала опозицијата.
За разлика од минатонеделните случувања во Брисел денеска беше видливо јасно задоволство од страна на премиерот и надлежните министри кои сега предлогот го преименуваат од француски во европски. Тие неофицијало потенцираа дека последните предлог измени кои дојдоа од Париз се плод на “историското НЕ” на Ковачевски во Брисел но и на повеќемесечни неофицијални разговори со првиот советник на францускиот претседател Макрон за кого кажаа дека повеќе пати неофицијално доаѓал во Скопје и Софија.
Од Владата се задоволни и од подобрување на нашата позиција по прашањето за македонскиот јазик, а тврдат и дека историските прашања нема да се причина за одложување не само на првата туку и на втората меѓувладина конференција. Сепак од Владата не можеа да го демантираат фактот дека отворањето на поглавјата (што претставува вистинско почнување на преговорите) ќе биде дури по внесување на Бугарите во Уставот, а дека соседна Бугарија никаде не се обврзува дека нема да не блокира по било која точка од понатамошните преговори.
Во секој случај врз база на извори од владата многу е веројатно дека во рок од само неколку дена или недели нашата земја конечно ќе направи прв исчекор напред после долг период на застој во Европските интеграции. Тоа значи дека експресно ќе се свика првата меѓувладина конференција што барем формално правно претставува датум на кој почнуваат преговорите за почмоправно членство во ЕУ.
Д.А.