Сите уставни судии кои денеска гласаа за одлуката претседателот на државата да може да помилува осудени за изборни измами се избрани откако ВМРО-ДПМНЕ е на власт, односно после 2006 година. Најголем дел од нив се избрани во 2012 година. Петте судии кои гласаа „за“ се: Елена Гошева, Никола Ивановски, Владимир Стојановски, Вангелина Маркудова и Јован Јосифовски.
Претседателката на Уставен суд, Елена Гошева, за судијка во овој суд е избрана во 2012 година. Претходно таа била член на Советот на обвинители. Пред да биде избрана за претседателка на Уставниот суд, во дневниот весник Вест беше објавен текст со наслов „Елена Гошева имала просек на факултет од само 6,4“. Пишуваше и дека и требале девет години за да дипломира.
Никола Ивановски е исто така поранешен член на Советот на јавни обвинители и е избран за уставен судија на први јуни 2012 година. Владимир Стојановски прво бил судија во Врховниот суд, а на сегашната позиција доаѓа на 14 април 2011 година. Вангелина Маркудова била судијка во Основниот суд, а за уставна судијка е избрана во ноември 2013 година.
Интересна приказна има и петтиот судија кој гласаше за спорната одлука, Јован Јосифовски. Тој е поранешен претседател на ДИК, а за уставен судија е избран во 2012 година. Во годината кога ги исполнил условите да замине во пензија.
Според Уставот на Република Македонија, Собранието ги избира судиите на Уставниот суд со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници. Мандатот на судиите трае девет години без право на повторен избор. Уставниот суд избира претседател од своите редови за време од три години и без право на повторен избор. Во времето кога се избрани сите пет судии кои денеска гласаа за одлуката претседателот на државата да има право да помилува осудени за изборни измами, мнозинство во Собранието имаше владејачката ВМРО-ДПМНЕ. Истата партија чии функционери сега се главни осoмничени за изборни измами во случајот „Титаник“ на Специјалното јавно обвинителство.
Катерина Смилева