Уставните судии Осман Кадриу и Насер Јадари ќе ја бојкотираат седницата на Уставен суд, на која ќе се расправа за законот за јазици.
Кадриу за ТВ 24 вели дека се доведува во прашање речиси целиот закон, ако се прифатат сите 18 одредби со кои се оспорува.
Според него, најчуствителна е одредбата со која се бара исчезнување на терминот албански јазик, бидејќи, како што вели, се работи за уставно право кое ја гарантира употребата на мајчиниот јазик на Албанците.
– Седницата е закажана во чуствителен период, кога уставниот суд укина и други закони поврзани со правата на Албанците. Токму поради ова, но и надгласување односно мајоризацијата која постои во Уставен, нема да се поколебаме и да се откажеме од бојкотот – порача тој.
Од Уставниот суд денеска без коментар за ставовите изнесени поврзани со ова прашање.
„Судот нема да коментира ничии ставови. Седницата на која ќе се дискутира за Законот за употреба на јазиците е закажана за 11 декември. По завршување на седницата ќе се одржи редовна прес конференција на која ќе биде одговорено на сите ваши прашања“, изјавија од Уставниот суд.
Собранието во 2018 година го донесе новиот Закон за употреба на јазиците, со кој се прошири службената употреба на албанскиот јазик во цела држава.