Уставните измени да не се заложник на еден човек, порача премиерот

by Fokus

„Уставните измени се нешто што е обврска на нашата држава во делот на пристапување во Европската Унија и за мене беше очекувано кои партии ќе учествуваат, а кои нема да учествуваат во работната група формирана во Министерството за правда“ изјави премиерот Димитар Ковачевски во одговор на новинарско прашање.

„Во државата имаме два концепти – едниот концепт се политички партии кои ја поддржуваат Северна Македонија членка на НАТО и на ЕУ и имаме втора група на политички партии предводени од Левица и нивниот заложник ВМРО-ДПМНЕ, јас ова го кажав уште во септември минатата година, што се против членството на земјава во НАТО и во ЕУ. И тоа во историјата се потврдило. Одлуките за НАТО, денешната опозиција не гласаше за ниту една. Тие не гласаа ниту за договорот Фронтекс каде што за првпат македонскиот јазик е дел од договор во којшто се наведени сите други јазици на земјите-членки на ЕУ. И тоа не влегоа да го гласаат“ – рече Ковачевски.

Тој додаде дека „подобрувањето на животниот стандард, воведувањето демократски институции на повисоко ниво, зачленувањето во ЕУ, не можат да бидат заложник на кариерата на еден човек, туку тие се обврска на сите пратеници во Собранието да носат одлуки што ќе обезбедат европска иднина на сегашната и на идните генерации“.

„Откако ќе бидат направени амандманите во Комисијата при Министерството за правда, тие ќе бидат дадени на јавна расправа пред академската заедница, пред невладиниот сектор, бизнис заедницата, медиумите, да се запознаат граѓаните и потоа ќе започне парламентарната процедура во Собранието, каде што постои уставна комисија и оди низ процедурите што важат за уставни измени“ рече премиерот.

Потсети дека ова не се последни уставни измени, бидејќи, нагласи и пред влегувањето во ЕУ има уставни измени кога се даваат дел од надлежностите на Европската Унија како што тоа го направила секоја држава.

Поврзани новости