Уставниот суд одлучи да поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката за усвојување на урбанистички план за село Маврово со детална разработка на дел од Урбан блок 5 и дел од урбан блок 7 објавен во службен гласник за општина Маврово и Ростуше донесена на ден 26.02.2015 година.
Како и на Одлуката за усвојување на урбанистички план за село Леуново, Никофорово и Анови објавена е во службен гласник за општина Маврово и Ростуше на ден 19.07.2001 година.
„Судот во оваа фаза од постапката меѓу другото изрази сомнеж дека Одлуката за усвојување на урбанистички план за село Леуново, Никифорово и Анови објавена во 2001 година во моментот на донесувањето ја немало потребната согласност од надлежниот орган, односно од Министерството за транспорт туку е прибавена три месеци подоцна.
Во однос на Одлуката за усвојување на урбанистички план за село Маврово донесена во 2015 година, Судот исто така изрази сомнеж дали мислењата кои се прибавени од надлежните органи се во согласност со Законот за градење, Законот за заштита на води и Законот за заштита на природата кои тогаш биле во важност“ стои во соопштението.
Судот ја отфрли иницијативата за испитување на уставност и законитост на Одлуката за отстапување со стопанисување на водоводот од кој се снабдува хотел Радика во Леуново донесена во 2019 година, бидејќи, како што се наведува, нема надлежност за постапување, односно поради фактот дека оваа Одлука има карактер на поединечен, конкретен акт во кој се утврдени меѓусебните права и обврски меѓу давателот и корисникот на услугите и не уредува односи на субјектите во правото на општ начин и на неопределен број на субјекти во правото.
Конкретните одлуки и решение на судот ќе бидат разгледани во понатамошната фаза на постапката и ќе се постапува со донесување на конечна одлука, напоменуваат од Уставниот суд.
На денешната седница, како што е наведено во соопштението од Судот, беше отфрлена иницијативата за оценување на член 4 став 3 од Тарифата за награда и надоместок на другите трошоци за работа на извршителите бр.21-648/7 од 07.02.2019 година, поради тоа што веќе одлучувал по однос на покренатото правно прашање.