Уставниот суд поведе постапка за оценување на уставноста на измените на Кривичниот законик, односно на измените на член 353, од пред две години, кога голем дел од кривичните дела против поранешни и сегашни функционери застареа.
Според процедурата, Уставниот суд ќе изготви извештај кој ќе биде пратен до Собранието, со известување дека судот има сомнеж за уставноста на законот, по што Собранието ќе има рок да интервенира и да ги смени спорните одредби.
Во случај да не го стори тоа, судијата известител ќе направи реферат за укинување или поништување.
Ако Уставниот суд одлучи да се укинат измените, тогаш ќе има ,,дупка” во законот, односно нема во правна сила да се врати старото законско решение.
Ако пак одлучи да ги поништи измените, тогаш одлуката повлекува и последици, односно се што произлегло од измените нема да важи, со што би се обновиле сите предмети кои беа запрени против функционерите. Сепак оваа варијанта, според расположението во Уставниот суд, е оценета за речиси невозможна и тешко спроведлива.
В.В.