Уставниот суд отвори предмет за упатството на Министерство за правда, со кое во изводите со додава етничка припадност

by Fokus

Уставниот суд соопшти дека на денешниот состанок уставните судии одлучиле да отворат постапка за упатството донесено од Министерството за правда на 29 мај годинава  за водење на матичните книги со кое е предвидено во изводите од матичните книги да има и графа за етничката припадност, односно националност.

„Уставните судии денеска одржаа состанок на кој едногласно одлучија да се оформи предмет во кој ќе се води постапка за оценување на уставноста на  ‘Упатството за изменување и дополнување на упатството за начинот на водење, заштита и чување на матичните книги и списи, издавање на изводи, уверенија, преписи и копии врз основа на матичните книги, водење постапка и составување на записник за најдено дете, обновување на уништени, оштетени или исчезнати матични книги, како и за обрасците на матичните книги, регистарот на матичните книги, изводите и уверенијата што се издаваат врз основа на матичните книги’“, соопшти Уставниот суд.

Од Уставниот суд појаснуваат дека станува збор за Упатството донесено од Министерството за правда на 29 мај 2023 година и кое изминатиот период предизвика голем интерес кај јавноста.

„Овој предмет е формиран согласно деловничките одредби кои даваат овластување на Уставниот суд и сам да поведе постапка за оценување на уставност на закон, односно уставност и законитост на пропис или друг општ акт.  Состанокот се одржа на предлог на претседателката на Уставниот суд, Добрила Кацарска и присуствуваа сите судии“, велат од Уставниот суд.

Според Делвникот на Уставниот суд, предметот е предаден на судија известител и советник на Судот.

„Веќе се води претходна постапка за испитување на уставноста на Упатството. До Судот до овој момент  не е поднесена иницијатива од страна на граѓани со кој се оспорува истото Упатство“, соопшти уставниот суд.

Според министерот за правда, Кренар Лога со оваа измена ќе може да се докаже етничката припадност со официјален документ, а за секоја можна злоупотреба на етничката припадност во постапка на вработување по етничкиот балансер ќе може да се отворат и кривични постапки за лажно пријавување.

Бугарските здруженија оваа  промена ја видоа како идеална можност за зголемување на бројот на Бугари во Македонија,  кои ја шират пропагандата за „еден народ во две држави“. Здружението „Фондација Македонија“ регистрирано во Бугарија, а кое делува во Македонија, ја промовираше идејата изводот од матична книга на родените во Македонија да може да се користи како доказ за бугарско потекло со кое ќе може да се извади бугарски пасош.

Партијата Демкократски сојуз побара Министерството за правда да го повлече ова уптаство, а министерот Лога да си поднесе оставка.

Поврзани новости