Уставниот суд на денешната седница не донесе одлука по иницијативата поднесена од Стопанската комора во која е оспорен Законот за изменување и дополнување на Законот за работни односи кој во својата содржина опфаќа „работа во недела”, бидејќи немале мнозинство. По иницијативата, како што велат од Судот, ќе се навратат тогаш кога Собранието ќе го комплетира Уставниот суд со доволен број на судии.
Судија Осман Кадриу на седницата посочи дека станува збор за иницијатива со чувствителна содржина затоа што со неа се оспорува во целост Законот објавен во Службен весник бр.288/2021.
Од вкупно девет уставни судии со коишто треба да функционира Уставниот суд, судот функционира со петмина судии, а судијата Дарко Костадиновски беше против иницијативата.
Костадиновски рече дека ваквата измена на Законот е за поздравување, прифатлива и оштествено нужна и неопходна.
-Но, сметам дека начинот на кој законодавецот сака да ја постигне оваа цел е уставно проблематична. Дел од наводите во иницијативата се основани. Остава простор за различни толкувања. Како се утврдува кои се тие технолошки процеси кој го цени тоа, рече Костадиновски.
Според него, со оваа законска норма на министерот за труд и социјална политика му се дава законодавна надлежност за исклучоците и кои се придружни и помошни дејности.
– Ваква арбитрерност не води до правна сигурност. Законските измени имаат уставен однос, но начинот на кој се прави тоа е уставно проблематичен. Јас нема да го прифатам овој предлог од рефератот, нагласи судијата Костадиновски.
Претседателката на Уставниот суд Добрила Кацарска не се согласува дека во наводите нема доволно причини, посочувајќи дека е даден осврт на сите спорни елементи.
-Крајно време беше да се донесе ваков Закон. Членот 2 е многу јасен и не е спротивен на ниту една одредба од Уставот. Нема подвојување на работодавачите, секој може да работи во недела, но тоа треба да им се плати. За мене ништо не е спорно во овој реферат, потенцираше Кацарска.
Во иницијативата се наведува дека ден на неделен одмор може да биде кој било друг ден во неделата, дека е утврден и додаток на плата за работа во недела во износ од најмалку 50 проценти за секој час поминат на работа и од тие причини е дозволена нееднаквост на граѓаните пред законите, велат од Уставен суд.
Содржани се и наводи дека со ова законско решение работодавачите од економските дејности на кои им се забранува работа во недела и имаат еднаква правна положба од аспект да ги намируваат данокот и другите јавни давачки кон државата кои се утврдени со закон се ставени во нееднаква правна положба со работодавците од економските дејности на кои им е дозволено да работат во недела, од аспект да остваруваат приходи и добивка.
Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) вчера го повика Уставниот суд да ја отфрли иницијативата на Стопанската комора, бидејќи, како што велат, е спротивна на Уставот. Според ССМ, со иницијативата ќе се задре во веќе утврдено право на непрекинат неделен одмор што се состои од најмалку 24 часа за период од седум дена на илјадници работници во државата.
Синдикатот предлага Уставниот суд да расправа по ова прашање секој ден – недела до крајот на годината и тогаш повторно да ги прашаат работодавците кои стојат зад иницијативата правото на неделен одмор да не биде регулирано со закон, дали се против и дали остануваат на ставот истакнат во иницијативата.