Уставниот суд ќе одржи подготвителна седница за Законот за јазиците

by Fokus

Уставниот суд на Северна Македонија денеска одлучи да одржи подготвителна седница за расправата по иницијативите за оценување на уставноста и законитоста на Законот за употреба на јазиците.

Судијата известител Елизабета Дуковска предложи да се одржи подготвителна седница, што доби поддршка од повеќе судии, вклучувајќи ги Ана Павлова Данева, Татјана Васиќ Бојаџиева, Јадранка Дабовиќ и Дарко Костадиновски. Судијата Добрила Кацарска не се согласи со предлогот, сметајќи дека веќе има доволни подготовки.

Поддржувачите на одлуката ја истакнаа важноста на подготвителната седница за да се покажат дека владее правото и дека уставноста не се брани на улиците, туку во судот. Тие повикаа на трпение и доверба во институциите и нагласија дека одлуката ќе помогне во отфрлањето на наводите за политизација.

Според одлуката, на првиот нареден работен состанок ќе се разгледаат предлозите за спорни прашања и учесниците во расправата.

Уставниот суд денеска ја одржува 32-та седница на која меѓу точките на дневен ред се и иницијативите за оценување на уставноста и законитоста на Законот за употреба на јазиците во однос на Указот за негово прогласување, на Законот во целина, како и одделно сите 25 членови на законот.

Поврзани новости