Уставниот суд на денешната 27. седница одлучи да го укине „балансерот“ – алатката за вработување според национална припадност во државните институции.
Одлуката нема да важи ретроактивно.
Повеќе за одлуката, како што е највено, ќе информира денеска на прес-конференција, претседателот на Уставен суд Дарко Костадиновски.
Одлуката да поведе постапка за „балансерот“ Уставниот суд ја донесе на 18 септември, по седницата на која судиите расправаа дали со наведувањето на припадноста на заедницата, што е потребно за пополнување на секое работно место, на кандидатите за административни службеници им се ограничува достапноста на секое работно место, односно дали со „балансерот“ се нарушува начелото на стручност и компетентност и се повредува и уставно загарантираното право на работа и слободен избор на вработување.
Покрај поведување постапка по предметот, Уставен истовремено ја замрзна употребата на „балансерот“ до донесување на конечната одлука. По ваквата одлука, Министерството за јавна администрација пред една недела донесе насоки за државните институциите како да постапуваат при вработувањата.
Предметот во Уставен беше оформен по иницијатива поднесена од стариот состав на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК), бидејќи оттаму сметаа дека преку алатката се прават злоупотреби при вработувањата.
Одлуката за поведување постапка за „балансерот“ предизвика реакции кај партиите на Албанците, особено оние во опозиција. Така од Демократската унија за интеграција (ДУИ) одлуката ја оценија како почеток на уништувањето на меѓуетничките односи, што ќе отвори нови проблеми, кои, како што наведоа од партијата, кои ќе доведат до рушење на основните темели на Охридскиот договор.